Wednesday, October 18, 2017

Сердарот- Г. Прличев


Историската балада т.е. поема "Сердарот" е најпознатото дело на македонскиот преродбеник и поет Григор Прличев. Тој е родеем во сиромашно семејство. Татко му починал кога тој бил шестмесечно бебе, па грижата за семјството паднала врз мајка му. Неговиот дедо го научил да чита уште на четиригодишна возраст од некој стар грчки буквар. Мајка му и сестра му аргатувале по куќи, а тој продавал јајца, им давал часови на богаташките деца и препишувал книги. Освен овие податоци, во својата „Автобиографија“ Прличев го опишува основното училиште и тогашните учители, како и доаѓањето на Димитар Миладинов за учител на кого „мед му течело од устата“ кога зборувал. Во поемата Сердарот, Прличев ги претставил ликовите со мошне возвишени, исто како и реални особини.

Мотивот, Прличев го зел од народната песна за Кузман Капидан, а бил инспириран од тешкиот живот на Македонците од западните делови на Македонија кои биле изложени на терор од страна на Гегите. Па дури и турската власт за да го заштити населението од грабежи, за да може после да им земе даноци, морала да организира заштитнички единици. Кузман Капидан бил водач, сердар на една таква единица. Всушност, Кузман е загинат уште на почотокот од поемата, затоа за него дознаваме преку раскажувањата на другите ликови, ретроспективно (преку навраќања). Тој е олицетворение на возвишено јунаштво кое е почитувано дури и од непријателот. Силен и храбар во борбите со него. Тој е заштитник на народот и својот живот го жртвува за доброто на сите. И кај него се гледаат обичните човечки особини како – љубовта и почитта кон мајката, како и љубовта кон девојката Марија со која сакал да го минува животот и да создаде семејство.

Неда е централен лик во поемата. Таа е мајка на јунакот, но и самата е јунак. Таа е храбра – гордо ја предбродува смртта на својот син, бестрашно им се спротивставува на непријателите, подготвена е и самата да се бори и да ја поведе борбата – да стане водач. Јасно е изразена нејзината решителност и чесност. Но, освен овие истакнати атрибути, таа е сепак мајка, чувствителна, која безмерно го сака своето единствено дете. Нејзиниот гнев и плач е мајчин, зашто нема ништо поболно од смртта на детето. Но, и во вакав состојба, Неда не мисли само на себе, туку и на целиот нејзин народ кој останал незаштитен и кој треба да преземе дел од таа болка.

Гегите во поемата не се негативни ликови. Тие се непријатели – пљачкаши, немилосрдни, убијци, но и нивните поинакви карактери може да се опишат со атрибути како чесност – носејќи го со сите почести мртвото тело на Кузман во домот на Неда, ризикувајќи да бидат убиени од гневното население, желно и подготвено за одмазда. Тие и самите борци, имаат респект кон борецот, така ја покажуваат својата човечност. Особено се истакнува стариот Албанец, со својата мудрост и желба да ја утеши ужалената мајка, величајќи го неговиот смртен непријател.

Сите овие ликови, со своите карактеристики и постапки создаваат една целокупна слика за минатото на народот. Токму ова е идејата на Прличев, која што преку оваа поема оставила силен впечаток на читателите. Денес, наградите добиени од ова дело не се во неговите раце, но затоа, восхитувањето и гордеењето на сите генерации со ваков неверојатен поет си го прават своето и се причина за Григор Прличев да биде наречен "Втор Хомер".

Sunday, October 8, 2017

Илијада

Хомер е митски грчки поет познат како автор на славните грчки епови Илијада и Одисеја, исто како и други дела од кои дел не се зачувани. Хомер се смета за слеп, а неговата биографија е празна. Не се знае точно кога или каде живеел. Некои процениле дека Хомер живеел 400 години пред Херодот, со што времето на Хомер го сместува околу 850 п.н.е. додека други извори велат дека живеел во времето на Тројанската војна, на почеток на 12 век п.н.е.

Темата во „Илијадата“ ја опфаќа Тројанската војна, односно последната, десеттата година од војната и уништувањето на градот Троја .Според митот за Тројанската војна, причина претставува грабнувањето на Елена, жена на Менелај од страна на Парис. Војната ја започнале ахајските владетели: Агамемнон,Диомед, Одисеј, Ахил и други за да се осветат за грабнувањето, но и заради примамливите богатства на Троја, славата и робинките. Во одбрана на својот град, од страната на Тројанците се: Хектор, Парис, Антенор, Енеј, Мемнон итн.

Ахил е најмоќниот војсководец меѓу Грците. Сета знаат дека во него е моќта да ја извојуваат победата. Боговите се негови заштитници, згора на тоа, речиси е бесмртен. Нема во неговото срце место за сожалување, за простување. Свесен е дека е најдобар од сите и дека неможе да биде поразен.

Сета оваа моќ и големина, во само еден миг, се крши на прачиња. Ахиловото срце е погодено кога дознава за смртта на неговиот пријател, Патрокло. Во тој момент за него постои само смртта – и војната запира за тој да може достоинствено да го погреба својот пријател. Одеднаш, тагата прераснува во гнев и желба за одмазда. Ништо веќе не може да му застане на патот кој води кон убивање на Хектор, без размислување ни миг. На крајот Ахил ја сфаќајќи ја својата грешка му го предава Хекторовото тело на Пријам.
Овде, можеби мудриот Хомер, покрај сѐ со што нѐ восхити во своето дело, ќе нѐ поучи и на тоа дека не гневот, туку простувањето е возвишената човечка особина.