Wednesday, October 18, 2017

Сердарот- Г. Прличев


Историската балада т.е. поема "Сердарот" е најпознатото дело на македонскиот преродбеник и поет Григор Прличев. Тој е родеем во сиромашно семејство. Татко му починал кога тој бил шестмесечно бебе, па грижата за семјството паднала врз мајка му. Неговиот дедо го научил да чита уште на четиригодишна возраст од некој стар грчки буквар. Мајка му и сестра му аргатувале по куќи, а тој продавал јајца, им давал часови на богаташките деца и препишувал книги. Освен овие податоци, во својата „Автобиографија“ Прличев го опишува основното училиште и тогашните учители, како и доаѓањето на Димитар Миладинов за учител на кого „мед му течело од устата“ кога зборувал. Во поемата Сердарот, Прличев ги претставил ликовите со мошне возвишени, исто како и реални особини.

Мотивот, Прличев го зел од народната песна за Кузман Капидан, а бил инспириран од тешкиот живот на Македонците од западните делови на Македонија кои биле изложени на терор од страна на Гегите. Па дури и турската власт за да го заштити населението од грабежи, за да може после да им земе даноци, морала да организира заштитнички единици. Кузман Капидан бил водач, сердар на една таква единица. Всушност, Кузман е загинат уште на почотокот од поемата, затоа за него дознаваме преку раскажувањата на другите ликови, ретроспективно (преку навраќања). Тој е олицетворение на возвишено јунаштво кое е почитувано дури и од непријателот. Силен и храбар во борбите со него. Тој е заштитник на народот и својот живот го жртвува за доброто на сите. И кај него се гледаат обичните човечки особини како – љубовта и почитта кон мајката, како и љубовта кон девојката Марија со која сакал да го минува животот и да создаде семејство.

Неда е централен лик во поемата. Таа е мајка на јунакот, но и самата е јунак. Таа е храбра – гордо ја предбродува смртта на својот син, бестрашно им се спротивставува на непријателите, подготвена е и самата да се бори и да ја поведе борбата – да стане водач. Јасно е изразена нејзината решителност и чесност. Но, освен овие истакнати атрибути, таа е сепак мајка, чувствителна, која безмерно го сака своето единствено дете. Нејзиниот гнев и плач е мајчин, зашто нема ништо поболно од смртта на детето. Но, и во вакав состојба, Неда не мисли само на себе, туку и на целиот нејзин народ кој останал незаштитен и кој треба да преземе дел од таа болка.

Гегите во поемата не се негативни ликови. Тие се непријатели – пљачкаши, немилосрдни, убијци, но и нивните поинакви карактери може да се опишат со атрибути како чесност – носејќи го со сите почести мртвото тело на Кузман во домот на Неда, ризикувајќи да бидат убиени од гневното население, желно и подготвено за одмазда. Тие и самите борци, имаат респект кон борецот, така ја покажуваат својата човечност. Особено се истакнува стариот Албанец, со својата мудрост и желба да ја утеши ужалената мајка, величајќи го неговиот смртен непријател.

Сите овие ликови, со своите карактеристики и постапки создаваат една целокупна слика за минатото на народот. Токму ова е идејата на Прличев, која што преку оваа поема оставила силен впечаток на читателите. Денес, наградите добиени од ова дело не се во неговите раце, но затоа, восхитувањето и гордеењето на сите генерации со ваков неверојатен поет си го прават своето и се причина за Григор Прличев да биде наречен "Втор Хомер".

No comments:

Post a Comment